Официјални претставници на Европската Унија ги отфрлија наводите на косовскиот премиер Албин Курти дека тој е единствениот што излезе со предлогот на последната рунда од дијалогот.
„Изјавата на премиерот Курти дека неговиот предлог е единствениот на маса е едноставно неточна“, изјави официјален Брисел, ден по уште една неуспешна средба меѓу премиерот на Косово и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, по средбата изјави дека косовскиот премиер не го прифатил компромисниот предлог на ЕУ.
Курти, пак, рече дека на средбата „ниту српската, ниту бриселската страна немале документи како предлог“.
Извори од Брисел тврдат дека на партиите веќе во јуни им бил претставен предлог редоследот на спроведување на Охридскиот договор и дека специјалниот европски претставник за дијалогот Мирослав Лајчак имал „седум рунди одделни разговори со партиите за овој предлог“.
Но, истите извори кои ги демантираа изјавите на косовскиот премиер не одговорија на новинарските прашања дали ЕУ на средбата одржана на 14 септември излегла со конкретен документ.