Европската Унија денеска воведе нови санкции против израелски физички и правни лица – еврејски доселеници и активистички групи, одговорни за „сериозни и систематски нарушувања на човековите права“ на Палестинците на Западниот Брег и во Источен Ерусалим, пренесе МИА.
ЕУ додаде на својот список пет физички и три правни лица, според соопштение на Советот на ЕУ. Ова го зголемува вкупниот број на санкционирани на 14 по првичното воведување на санкциите во април.
Ограничувањата вклучуваат замрзнување на средства и забрана на пристап во Европската Унија.
Меѓу новите правни лица на списокот е групата „Цав 9“, обвинета за блокирање на хуманитарната помош и гориво во Газа преку „насилни дејства.“
Меѓу санкционираните физички лица се Исашар Мане, создавач на незаконски контролен пункт на Западниот Брег, Бен-Цион „Бенци“ Гопштајн и Барух Марзел.