Европската унија (ЕУ) побара од властите во Косово да го одложат спроведувањето на одлуката за забрана за употреба на српскиот динар на територијата на Косово.
Во писмената изјава дадена за медиумите, портпаролот на Европската Комисија, Петер Стано, изјави дека ЕУ ја зема предвид регулативата на Централната банка на Косово за готовинското работење, која има за цел да ги намали фалсификуваните пари, да ја зачува финансиската стабилност и да ја зголеми транспарентноста на готовинските текови на Косово.
„Сепак, регулативата предизвикува загриженост за влијанието што ќе го има врз заедниците со мнозинско српско население, особено училиштата и болниците, за кои во моментов не се чини остварлив ниту еден алтернативен процес. Регулативата, исто така, ќе има директно влијание врз секојдневниот живот на огромното мнозинство косовски Срби кои добиваат исплати/финансиска помош од Србија“, нагласи Стано во изјавата.
Тој додаде дека Брисел, имајќи ги предвид потенцијалните последици од оваа регулатива врз процесот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија, очекува дека аспектите поврзани со српската заедница во Косово ќе бидат третирани во дијалогот што го води ЕУ.
„ЕУ повикува на доволно долг транзициски период кој овозможува изнаоѓање решение преку преговори“, рече портпаролот на ЕУ./RSE