Две земји од Источното партнерство на Унијата во кои ЕУ вложи значителни дипломатски напори за да ги седне на преговарачка маса – Ерменија и Азербејџан, прифатија иранско посредување за мировни преговори и сега на разговорите во Техеран нема да биде присутна ниту една западна земја, туку Русија и Турција, наведува „Еуарктив“.
– Зарем тоа не е понижувачко?, прашува авторот на колумната во бриселскиот портал, додавајќи дека ако мировните преговори во Техеран бидат успешни, заслугата затоа ќе ја има рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, а не претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој вложи многу време во посредничките напори меѓу Ереван и Баку.
Иранското Министерството за надворешни работи во најавата на преговорите наведе дека земјите од регионот сакаат да разговараат за регионалните прашања „без мешање на нерегионални и западни земји“.
Според порталот, ваквиот развој на настаните и не претставува големо изненадување, имајќи предвид дека напорите на ЕУ да посредува меѓу Ерменија и Азербејџан „не беа убедливи“, а дополнително и членки на Унијата бараа воведување санкции доколку ситуацијата се влоши.
Иако Техеран историски има лоши односи со Баку, Азербејџан ја прифати поканата за меѓународно посредување, во услови кога ќе биде присутна и Турција, нејзиниот регионален голем брат.
Азербејџан неодамна ги отфрли разговорите со посредство на ЕУ токму затоа што на нив не беше поканета Анкара, туку Франција.
Париз, особено, преставува проблем за Баку, затоа што го смета за премногу пристрасен во корист на Ерменија, се наведува во колумната.