Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, вели дека очекува до 2 мај, кога е закажана нова средба на лидерите на Србија и Косово во Брисел, владата во Приштина да излезе со предлог за Заедницата на општини со мнозинско српско население.
„Се надевам дека до 2 мај ќе има изводлив нацрт“, вели Ескобар во интервју за албанскиот сервис на Гласот на Америка, пренесува регионалниот сервис на „Радио Слободна Европа“.
Заменик-помошникот државен секретар за Јужна и Централна Европа и специјален пратеник на САД за Западен Балкан вели дека има напредок во однос на прашањето за заедницата и, како што наведува, „голема еволуција во односот на владата на Косово, а особено на премиерот Албин Курти да ја прифати обврската која произлегува од анексот за спроведување на договорот за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.
„Тоа е постоечка обврска, според Бриселскиот договор, што беше многу тешко за владата, а особено за таа партија, да го прифатат како обврзувачки, но сега зборуваат за тоа како обврска. Тие се согласија на тоа и јавно кажаа која е рамката и кои треба да бидат параметрите за формирање на заедницата, а ние се согласуваме со тие параметри“, рече Ескобар.