Ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан на 7 март изјави дека на Ерменија веќе не и се потребни руските „мировници“ кои долго време се стационирани на меѓународниот аеродром Звартнотс во Ереван, објави Кијив Индипендент.
Ерменија долго време беше сојузник на Русија, особено во однос на нејзиниот примарен регионален непријател Азербејџан, и затоа во голема мера се воздржуваше од вклучување во целосната војна на Русија против Украина. Односот се промени откако руските „мировници“ не успеаја да ја спречат офанзивата на Азербејџан во регионот Нагорно-Карабах, првенствено населен со етнички Ерменци, во септември 2023 година.
Руските сили се стационирани на аеродромот Звартнотс од осамостојувањето на Ерменија од Советскиот Сојуз и избувнувањето на војната со соседен Азербејџан.
Руските трупи, исто така, продолжуваат да ги чуваат границите на Ерменија со Турција и Иран, а „мировниот“ контингент останува во Нагорно-Карабах, иако азербејџанските власти сигнализираа дека нивното присуство би можело да заврши во 2025 година.
Руските војници имаат база и во ерменскиот град Ѓумри.
„Ерменската страна ја информираше (руската страна) дека не и треба (повеќе) граничната служба на руските граничари на аеродромот; се разбира, заблагодарувајќи и се на руската страна“, рече Мирзојан на прес-конференција на 7 март.
Тој додаде дека барањето за заминување на рускиот контингент се однесува само на стационираните трупи на аеродромот и дека во моментов не се планира руските војници да ги напуштат своите позиции од границите на Ерменија со Турција и Иран.
Г. Т.