Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на Европскиот Парламент (ЛИБЕ) гласаше за визна либерализација за косовските граѓани кои поседуваат пасоши издадени од српските власти.
За оваа одлука гласаа 34 европски претставници, членови на овој комитет, седум беа против, а 12 беа воздржани.
Известувачот за визи во Европскиот Парламент (ЕП) европскиот претставник Матјаж Немец изјави дека оваа одлука е важна за да се спречи дискриминација на овие граѓани, кои ризикуваат да бидат третирани поинаку од другите жители на Западен Балкан.
„Оваа техничка одлука не е обид за решавање на спорот меѓу Србија и Косово, туку прагматично решение за обезбедување еднаков третман“, рече Немец.
Според процедурите, по гласањето во ЛИБЕ, на пленарната седница на ЕП на крајот на април ќе се гласа за визна либерализација за граѓаните на Косово кои се носители на српски пасоши.
По овој чекор, досието преминува на ниво на земја-членка. Министрите на ЕУ треба да гласаат за оваа одлука, со квалификувано мнозинство.
Визната либерализација за граѓаните на Косово, односно за косовските пасоши, стапи на сила на 1 јануари годинава.