Својот прв АТП меч го одигра на 29. април 2002 година. Поминаа 22 години, шест месеци и 21 ден и дојде време да се стави крај на монументалната тениска кариера на Рафаел Надал.
Еден од луѓето кои се огласија по тој повод е Роџер Федерер, на кого Рафа му беше најголем ривал. Сепак, ова тениско ривалство роди и блиско пријателство.
За него проговори токму Федерер, кој напиша емотивно писмо по повод збогувањето на Рафа.
„Одиме, Рафа!
Додека се подготвуваш да дипломираш на тенисот, имам неколку работи да споделам пред да станам емотивен. Да започнам со очигледното. Ме победуваше повеќе отколку што успеав да те победам. Ме предизвика на начин кој никој друг не можеше. На земјана подлога, се чувствував како да влегувам во твојот двор, а ти ме натера да работам понапорно отколку што некогаш мислев дека можам, само за да ја задржам мојата позиција. Ме натера повторно да ја откријам мојата игра, отидов дури и дотаму што ја сменив големината на главата на рекетот, надевајќи се на каква било предност.
Не сум многу суеверен, но ти го подигна на повисоко ниво. Целиот твој процес. Сите тие ритуали. Позиционирање на шишиња со вода како да се војници-играчки во формација, местењето на фризурата, поправањето на долна облека… Сето тоа со најголем интензитет. Искрено, некако ми се допадна целата работа. Затоа што беше толку уникатен, тоа беше ти. И знаеш што, Рафа, ме натера да уживам во играта уште повеќе.
Во ред, можеби не на почетокот. По Австралија опен во 2004 година, за прв пат го освоив првото место на АТП листата. Мислев дека сум на врвот на светот. И јас бев, но два месеци подоцна, кога излезе на теренот во Мајами во црвена маиичка без ракави, покажувајќи ги тие бицепси, убедливо ме победи. Ми стана јасно дека е вистина она што го слушав за неверојатениот млад играч од Мајорка, генерациски талент, кој веројатно еден ден ќе оствари голем успех.
И двајцата бевме на почетокот на нашето патување и на крајот заедно го завршивме. Дваесет години подоцна, Рафа, морам да кажам: Каква неверојатна кариера! Вклучувајќи 14 трофеи на Ролан Гарос – историски! Шпанија е горда поради тебе… Целиот тениски свет е горд поради тебе.
Постојано размислувам за спомените што ги споделивме. Како заедно го промовиравме спортот. Како го одигравме тој натпревар на терен кој беше половина земјена, половина трева. Како го срушивме рекордот на посетеност на сите времиња играјќи пред преку 50.000 фанови во Кејп Таун, Јужна Африка.
Се уште сум ти благодарен што ме покани во Мајорка на отворањето на твојата академија. Знаев дека си премногу љубезен за да инсистираш да бидам таму, но не сакав да го пропуштам тоа. Отсекогаш си бил пример за децата ширум светот, а мене и на Мирка ни е драго што сите наши деца тренираа во твоите академии. Тие се забавуваа и научија толку многу, како и илјадници други млади играчи. Иако секогаш се грижев дека моите деца ќе се вратат дома играјќи тенис со лева рака.
А потоа дојде Лондон, Лејвер куп 2022. Мојот последен натпревар. Многу ми значеше тоа што си покрај мене, не како мој ривал, туку како мој партнер во двојки. Тоа што го делев теренот со тебе таа вечер, а потоа заедно завршивме со солзи во очите засекогаш ќе биде еден од посебните моменти во мојата кариера.
Рафа, знам дека си фокусиран на последниот дел од твојата епска кариера. Ќе разговараме кога ќе заврши. Засега сакам само да му честитам на твоето семејство и тимот, на сите оние кои одиграа голема улога во твојот успех. И сакам да знаеш дека твојот стар пријател секогаш навива за тебе и ќе навива исто гласно за што и да правиш следно.
Секогаш ти посакувам се најдобро, твојот обожавател,
Роџер Федерер“
Во недела од 17 часот во Малага, Шпанија ќе ја пречека холандската репрезентација во Дејвис купот, а се очекува да настапи и Надал.
Текстот Емотивно писмо на Федерер по повод „последниот танц“ на Надал е превземен од МАКФАКС.