ЕК по повод Светскиот ден на бегалците: ЕУ ќе остане место за заштита и безбедност на бегалците

Денес, на Светскиот ден на бегалците, кога рекордни повеќе од 120 милиони луѓе се присилно раселени ширум светот, ЕУ ја потврдува непоколебливата посветеност ЕУ да биде водечки глобален донатор за поддршка на бегалците ширум светот, се наведува во заедничката изјава на Европската комисија и високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по повод 20 јуни – Светскиот ден на бегалците.

– Посветени сме на зајакнување на нашите напори за да обезбедиме ЕУ да остане место каде бегалците ќе најдат заштита и безбедност. Конкретно, ЕУ активно го спроведува своето ветување дадено на Глобалниот форум за бегалци во 2023 година за подобрување на ситуацијата на милиони бегалци и присилно раселени лица од конфликтите и големите хуманитарни кризи ширум светот, како Газа, Украина, Сирија, Авганистан, Мјанмар, Венецуела, Јемен, Судан, Чад и Демократска Република Конго, се наведува во изјавата.

Во неа натаму се посочува дека ЕУ, исто така, ги поддржуваме земјите во справувањето со проблемот со лицата без државјанство и за зајакнувањето на нивните системи за азил.

– Нашиот фокус е на трајни решенија, работејќи заедно со националните и локалните власти за да одговориме на потребите на бегалците и заедниците што ги примаат. Во овој поглед, ние веќе работиме со владите во Кенија, Јужен Судан, Уганда, Етиопија, Буркина Фасо и Мавританија, за да ги поддржиме нивните напори за интегрирање на бегалците во националните системи, додаваат ЕК и Борел.

Во изјавата се нагласува и дека ЕУ се соочува со зголемен број бегалци и луѓе принудени да ги напуштат своите домови, при што само поради руската агресија врз Украина, земјите членки на Унијата се домаќини на речиси 4,2 милиони Украинци, меѓу кои една третина се деца, кои се под статус на привремена заштита.

– ЕУ ја потврдува својата силна поддршка за Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) и Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА). ЕУ ја повторува својата непоколеблива посветеност на правото на барање и уживање азил содржани и во Конвенцијата за бегалци од 1951 година и во Повелбата за фундаментални права на ЕУ, кои секогаш мора да се почитуваат. Ќе продолжиме да работиме со земјите членки на ЕУ и меѓународните партнери кои можат да помогнат во зголемувањето на местата за прием на бегалци од приоритетните региони, се заклучува во заедничката изјава на Европската комисија и Борел по повод 20 јуни – Светскиот ден на бегалците.