Европската комисијата го поздрави политичкиот договор постигнат вчера меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ за Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, во вредност од шест милијарди евра, како поддршка на Планот за раст на регионот, што таа го предложи лани во ноември.
Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен договорениот финансиски Механизам од шест милијарди евра е клучен чекор во процесот на проширување, што е клучниот геостратешки приоритет на ЕУ.
– Со комбинирање на зголемената финансиска помош и реформи ќе се забрза напредокот на нашите партнери од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, ќе се поттикне нивната економска конвергенција и подобро ќе се интегрираат во нашиот единствен пазар уше пред пристапувањето. Сакаме Западен Балкан побрзо да го приближиме до нашата Унија, порача Фон дер Лајен.
Европската комисија посочува дека Планот за раст на Западниот Балкан претставува понуда без преседан, што ќе им овозможи на земјите од регионот да ги почувствуваат некои од придобивките од членството во ЕУ уште пред самото зачленување.
– Механизмот ќе обезбеди зголемена финансиска помош во замена за социо-економски и фундаментални реформи дефинирани во амбициозните реформски агенди што ги подготвуваат партнерите од Западен Балкан, додава ЕК.