Земјите членки на ЕУ во целина се многу подобро подготвени да ги детектираат, спречат и да се справат со новите предизвици поврзани со владеењето на правото отколку пред пет години, се наведува во Извештајот за владеење на правото за 2024 година на Европската комисија, во кој годинава првпат има и четири поглавја посветени на случувањата во Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија.
– Вклучувањето на овие четири најнапредни земји во процесот на проширување во Извештајот за владеење на правото ќе ги поддржи нивните реформски напори, ќе им помогне на властите да постигнат понатамошен напредок во процесот на пристапување и да се подготват за продолжување на работата на владеењето на правото како идни земји членки, посочи Еврокомисијата.
Во овој петти годишен Извештај за владеење на правото, Комисијата денеска прави преглед на случувањата во владеењето на правото во земјите опфатени со него, како придонес за издржливоста на европските демократии, взаемната доверба во ЕУ, за добро функционирање на единствениот пазар и за деловно опкружување кое поттикнува конкурентност и одржлив раст.
– Од неговото прво објавување во 2020 година, Извештајот стана вистински двигател на позитивни реформи: две третини (68 отсто) од препораките издадени во 2023 година се целосно или делумно адресирани. Сепак, во некои земји членки постои систематска загриженост и ситуацијата дополнително се влоши. Овие грижи се опфатени во препораките од овогодинешниот извештај, наведува ЕК.
Инаку, во Извештај нема препораки за четирите земји од Западниот Балкан опфатени со процесот на проширување, бидејќи, според ЕК, тие се издаваат исклучиво во годишниот пакет извештај за проширувањето.
Во документот се посочува дека според истражувањето на Евробарометар, над 70 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека Унијата игра важна улога во одржувањето на владеењето на правото во нивната земја, а речиси 90 проценти мислат дека е важно сите земји членки да ги почитуваат основните вредности на блокот.
Дополнително, 51 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека се добро информирани за основните вредности на ЕУ и за владеењето на правото, што претставува зголемување во однос на 2019 години кога вакво мислење имале 43 проценти од анкетираните.
Извештајот вклучува анализа на ситуацијата во ЕУ во целина и како и во секоја од 27-те земји членки, како и оценка за исполнувањето на минатогодишните препораки, врз основа на што се наведени нови препораки.
Во Извештајот се дадени оценки за состојбата со националните правосудни системи, антикорупциските рамки, слободата на медиумите и плурализмот, како и други институционални проверки, пренесе МИА.