Германскиот канцелар Олаф Шолц загрижен за успехот на крајната десница на регионалните избори ги повика главните партии да формираат влади без „десничарски екстремисти“.
Тој ги нарече „горчливи“ резултатите од двата регионални избори изминатиот викенд во Тирингија, каде Алтернатива за Германија (АфД) стана првата екстремно десничарска партија која победи на регионалните парламентарни избори во Германија по Втората светска војна, пренесува МИА.
На една година пред националните избори во Германија, резултатите од вчера ја казнија коалицијата на Шолц.
Сите три владејачки партии загубија гласови, а само неговата СПД го премина прагот од 5 отсто потребен за да остане во парламентите на двете сојузни држави.
„Резултатите од изборите во недела се горчливи – и за нас“, рече Шолц.
Но, тој истакна дека пострашните предвидувања, дека СПД може да го нема во државниот парламент за првпат, не се оствариле.
Тој објасни дека зборувал како претставник на неговите централно-левичарски Социјалдемократи (СПД).
„Нашата земја не може и не смее да се навикне на ова. АфД и штети на Германија. Ја ослабува економијата, го дели општеството и го уништува угледот на нашата земја“.
Партиите досега одбиваа да соработуваат со АфД за формирање мнозинство
Како што пренесува DW според прелиминарните резултати во Тирингија, Алтернативата за Германија (АфД) за прв пат успеа да освои мнозинство во сојузна покраина. АфД е најсилната партија во Тирингија со 32,8 отсто од освоените гласови. ЦДУ постигна 23,6 отсто, Алијансата Сара Вангенкнехт 15, 8 проценти, Левицата на премиерот Рамелов 13,1 отсто, СПД 6,1 отсто, а Зелените не влегоа во парламентот.
Парламентот во Тирингија има 88 места, за мнозинство се потребни 45 места. Според досегашните резултати, распределбата на мандатите би изгледала вака: АфД – 32, ЦДУ – 23, БСВ – 15, Левица- 12 и СПД – 6.
Тирингија е првата сојузна покраина во која АфД, и покрај фактот што огранокот на партијата во оваа сојузна покраина е класифициран како екстремно десничарски, освои мнозинство места во покраинскиот парламент.
Според прелиминарните резултати, во сојузната покраина Саксонија ЦДУ е на прво место со 31,9 проценти, малку пред АфД, која има 30,6 отсто од гласовите. На трето место е Алијансата Сара Вагенкнехт (БСВ) со 11,8 отсто. СПД во парламентот влегува со 7,3 отсто, а Зелените 5,1 отсто. Левица освои 4,5 отсто од гласовите.
Парламентот во Саксонија има 120 места, за мнозинство се потребни 61 место. Според досегашните резултати, распределбата на мандатите би изгледала вака: ЦДУ – 42, АфД – 40, БСВ – 15, СПД – 10, Зелените – 7 и Левица – 6 (се претпоставува дека ќе влезат во парламентот врз основа на директни мандати).
Главна тема на изборите во двете сојузни покраини беше прашањето за намалување на миграцијата и натамошната помош за Украина. И двете партии, АфД и БСВ, кои забележаа најголеми придобивки во популарноста, се залагаат за силно ограничување на воената помош за Украина и намалување на миграцијата.
На крајот на септември се одржуваат избори за локалниот парламент во источногерманската сојузна покраина Бранденбург, каде се очекува да се зголеми и популарноста на АфД и БСВ.
Драган Мишев