Американска компанија успешно одгледа антивирусен лек во микрогравитација, отворајќи го патот за големи фармацевтски достигнувања на Земјата.
Капсулата за мисијата W-1 на американската компанија „Varda Space Industries“, со необичен багаж слета на полигонот за тестирање и обука во Јута (UTTR) на 21 февруари. Необичниот багаж се впрочем антивирусни лекови одгледувани во микрогравитацијата на ниската орбита на Земјата, што претставува значаен чекор во мисијата на „Варда“ да го подобри комерцијалниот пристап до таа сфера.
Фокусот лежи во развојот на лекови и други добра во вселената, кои се враќаат на Земјата во капсули, со што се револуционизираат традиционалните ограничувања на истражувањето во услови на микрогравитација, пренесува Universe Today.
Нови параметри за развој на лекови
Со ракетите за повеќекратна употреба и споделени летови, што го прават просторот попристапен, индустриите од биомедицинско истражување до производството се желни да ги истражат можностите на микрогравитацијата. Според Варда, обработката со микрогравитација фундаментално ги менува факторите како што се конвекцијата, седиментацијата и одвојувањето на фазите, што потенцијално води до супериорен квалитет на лекот со продолжен рок на траење и зголемена ефикасност.
Извршниот директор на компанијата, Вил Бруи, ги истакна придобивките од истражувањето и развојот на лекови во микрогравитацијата за време на едно интервју минатата година.
„Отстранувањето на гравитацијата ни овозможува да правиме лекови што инаку не би можеле да ги направите на Земјата. Гравитацијата е нешто како параметар. Ако можете да ја промените гравитацијата, можете да го промените хемискиот процес за формулации на лекови“, објасни тогаш Бури.
Капсулата W-1, лансирана во јуни 2023 година со ракетата Falcon 9 на SpaceX помина осум месеци интегрирана со вселенското летало Rocket Lab Photon. Леталото обезбедуваше енергија, погон и навигација додека Варда го разви антивирусниот лек Ритонавир, кој треба да се користи за лекување на ХИВ и хепатитис Ц. Извршниот директор на Rocket Lab, Питер Бек, ја поздрави мисијата како феноменална демонстрација на производството во вселената.
По враќањето, капсулата оди на анализа во лабораториите на Варда во Лос Анџелес, додека Ритонавир се испраќа кај нивниот комерцијален партнер. Варда се подготвува за своето второ лансирање ова лето, повторно потпирајќи се на вселенското летало Фотон. Компанијата ги сподели плановите да работи со Improved Pharma за да ги карактеризира ампулите со Ритонавир по летот и да обезбеди податоци за летот до американските воздухопловни сили и НАСА, според постоечките договори.