Американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, на неодамнешната прес-конференција пред заминувањето за Србија повика на спроведување на сите договори постигнати во дијалогот.
„Не дојдовме овде со предлози што би сакале да ги наметнеме. Всушност, бараме од двете страни да бидат конструктивни, да ги понудат своите визии за тоа како треба да изгледа Асоцијацијата, и потоа да преговараат од таму, како дел од дијалогот. Тие не треба да бидат модели кои го поткопуваат суверенитетот или функционалноста на Косово. Значи, треба да најдеме еден. Може да се најдат, да се преговараат и да се договорат. Ова е целта на дијалогот. Намерата на Соединетите Држави не е да наметнат модел или да изберат таков, во име на страните“ , вели Габриел Ескобар, претставник на САД за Западен Балкан.
Претставникот на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, изјави дека никој не сака нова Република Српска во Косово.
„Мој совет: Не плашете се од нешто што не постои, и никој нема да ви го наметне. Бидете сигурни во себе, свесни за фактот дека сте ко-лидер во овој процес и сте рамноправни партнери. Апсолутно нема причина да се плашиме од процесот низ кој поминувате со Србија, и ние сме тука да се погрижиме секоја одлука што ќе се донесе, да се заснова на стандардите и вредностите на европските норми“, наведува Мирослав Лајчак, пратеник на ЕУ за Балканот.
Косовската влада, предводена од премиерот Албин Курти, вели дека не може да има едноетничка асоцијација на Косово, или нешто што личи на Република Српска во Босна и Херцеговина. Курти рече дека на средбата со дипломатите не разговарале за моделите околу Асоцијацијата, и додаде дека „правата на малцинствата во Косово се почитуваат на највисоко ниво на европски стандарди“. Тој рече дека Косово не се плаши да го спроведе Договорот за асоцијација, но рече дека се „претпазливи“.
„Мора да се постигне договор. Ние сме подготвени да работиме за ова и кога зборуваме, да зборуваме за договор. Не правиме дијалог, за дијалог. Ние сме конструктивни, сериозни сме и во исто време го нагласуваме она за што сè повеќе се согласуваат сите меѓународни актери, а што многу јасно го кажа и американскиот претседател Џо Бајден, дека договорот за целосната нормализација меѓу Косово и Србија треба во фокусот да го има и меѓусебното признавање “, вели Албин Курти, премиер на Косово.
Договорот постигнат во 2013 година, за формирање на оваа асоцијација беше една од темите на кои западните дипломати разговараа со косовските власти, лидерите на опозицијата и граѓанското општество во изминатите два дена. Ескобар и Лајчак денеска ја продолжуваат посетата во Србија.
Шкелзен Аќифи