Пишува: Амб. ЛАРИСА ДИР
Вонредна и Ополномоштена Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија
На 4 септември 2024 година се одржа втората тематска Конференција посветена на реализацијата на точката од Формулата за мир „Безбедност на храната“. На Конференцијата учествуваа претставници на 75 земји-партнери, меѓу кои и претставници на Република Северна Македонија.
Руската агресија против Украина ја продлабочува светската прехранбена криза.
Привремената окупација на територијата на Украина од страна на државата-терорист РФ ѝ нанесе голема штета на Украина – ова ги вклучува и прехранбените ресурси украдени од руските напаѓачи, кои РФ незаконски ги извезува, како и земјоделските површини кои беа насилно напуштени поради руската агресија.
Познато е дека пред почетокот на руската агресија, Украина беше еден од водечките светски извозници на жито.
Животите на околу 400 милиони луѓе ширум светот зависат од украинскиот извоз на храна. Блокадата од страна на русија на поморските патишта во Црното Море по нејзината воена инвазија од големи размери на Украина предизвика невиден скок на меѓународните цени на пченицата, додека минирањето на украинското земјоделско земјиште доведе до огромни загуби за земјоделството.
Украина, имајќи поволни агроклиматски услови и високи приноси на житни култури, може да обезбедува прехранбени производи за значителен дел од светското население и да биде клучен извозник на главните видови земјоделски житни култури и прехранбени производи. Затоа, дури и делумното негово отстранување од глобалниот систем за снабдување со храна го прави системот за безбедност на храна поранлив и нестабилен.
Значајните проблеми предизвикани од руската агресија против Украина доведоа до закани за глобалната безбедност на храната:
1) значително зголемување на цените на храната;
2) масивен инфлаторен скок, пред сè, за земјите со нестабилни економии (на пример, во Северна и Субсахарска Африка).
Украина вложува значителни напори да им го обезбеди на другите земји потребниот обем на земјоделски производи.
Од првиот ден на инвазијата, РФ направи сè што е можно за да ги блокира украинските пристаништа во Црното Море, создавајќи закани за глобалната безбедност на храната. За време на годината на работа на Црноморската иницијатива за жито, Украина извезе приближно 33 милиони тони земјоделски производи, од кои 60% отидоа во земјите во Африка и Азија. На 17 јули 2023 година, РФ се повлече од Иницијативата и почна да ги напаѓа украинските пристаништа каде што се складира жито наменето за извоз. Како резултат на масовните напади по повлекувањето на РФ, уништени се приближно 300.000 тони жито. РФ изврши повеќе од 30 напади со цел уништување на пристанишната инфраструктура на Одеската област. Извозот на товари со жито во земјите од Азија, Африка и Европа е намален за речиси 3 милиони тони месечно.
Украина постојано презема мерки за да спречи глобална криза со храна. Во свое време, Црноморската иницијатива за жито обезбеди постојан пристап до жито за Светската програма за храна.
Намерните разбојнички дејствија на државата агресор РФ да ја користи храната како оружје во војна, намерно да создаде глад за да се изврши притисок врз Украина и земјите од ЕУ, наидоа на отпор и не ја постигнаа својата апсолутна цел, но предизвикаа ризици за состојбата на безбедноста на храната во светот.
Со реализирањето на Формулата за мир предложена од Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, а поточно нејзината точка „Безбедност на храната“, Украина останува важен снабдувач на жито и маслодајни култури, масло и други земјоделски производи на светските пазари. Во исто време, земјоделскиот сектор на Украина претрпе големи милионски загуби – неможноста за земјоделство во областите каде што се водеа или се водат воени дејствија, минирани области, како и неексплодирана муниција, разнесувањето на ХЕЦ Каховка, постојаното уништување на пристанишната инфраструктура, намерното уништување од страна на русите на украинските земјоделски производи или нивна кражба – сите овие предизвици мора да се надминат.
Конференцијата, одржана во септември оваа година во Кијив, првенствено се фокусираше на потребата да се гарантира слободата и безбедноста на комерцијалната пловидба во водите на Црноморскиот и Азовскиот басен, деминирање на трговските патишта.
Потребна ни е дополнителна поддршка за програмата „Grain from Ukraine“, обновување на производните капацитети на украинскиот земјоделски сектор.
Потребна ни е поддршката од нашите партнери за да ја постигнеме безбедноста на трговските бродови и да ја заштитиме цивилната пристанишна инфраструктура на Украина, еден од клучните светски производители и добавувачи на храна, кој продолжува верно да ги исполнува своите обврски за време на бруталната руска војна.
Исходот на Конференцијата беше Коминикето за безбедност на храната, кое беше поддржано од 75 учесници на Конференцијата, меѓу кои и Северна Македонија.