Канадската компанија „Lucara Diamond Corp“ пронајде дијамант од 2.492 карати во својот рудник „Karowe“ во Боцвана, еден од најголемите ископани досега, соопштија од компанијата доцна синоќа.

Лукара не го откри квалитетот на скапоцениот камен, но неговата големина ќе го направи вториот по големина суров дијамант некогаш откриен, по 3.106-каратниот дијамант Кулинан пронајден во соседна Јужна Африка во 1905 година, кој по обработката стана дел од британската круна.

Рудникот Карове е познат по производство на големи камења, со други значајни наоди, вклучувајќи ги дијамантите од 1.758 карати Sewelô и 1.109-каратните дијаманти Леседи Ла Рона.

Компанијата денеска ќе му го подари дијамантот на претседателот на Боцвана, Мокгвееци Масиси. Боцвана е водечки светски производител на дијаманти по вредност.

Јужноафриканската држава минатиот месец предложи закон со кој ќе се бара од рударските компании да продаваат 24 отсто од акциите во рудниците на локални инвеститори откако ќе добијат лиценца, освен ако владата не ја искористи својата опција да го купи уделот.

Извор: Bloomberg

Прикажи повеќе