Аеродромот во Брисел South Charleroi, еден од двата главни аеродроми во белгиската престолнина, е повторно отворен откако утрово целиот воздушен сообраќај беше прекинат поради закана за бомба на лет на „Рајанер“ од Португалија.
Како што објавија белгиските медиуми, сите дојдовни и појдовни летови беа запрени неколку часа откако на летот од Фаро непосредно пред 11 часот беше примена закана за бомба.
Авионот веднаш бил пренасочен кон затскриено подрачје на аеродромот, а властите воспоставиле безбедносен периметар во радиус од 500 метри.
Терминалот не беше евакуиран бидејќи се наоѓа надвор од безбедносната зона.
Полицијата изврши безбедносни проверки и утврди дека нема опасност, па затоа беше одлучено дека воздушниот сообраќај може да продолжи.
„Пистата повторно се отвори во 13:45 часот и летовите се обновени“, објави аеродромот на Фејсбук.
И покрај ова, се очекуваат доцнења на летовите во текот на попладневните часови.