Околу 800.000 лица кои избегале од војната во Украина досега пристигнале во соседна Полска, соопштија во саботата полските власти. Само вчера од Украина во Полска влегле 106.400 лица. Ова е највисок број во еден ден од 24 февруари кога почнаа руските напади. Полската влада постави 30 гранични контролни пунктови, локалните власти поставија повеќе центри во градовите и општините низ целата земја.
„Сакам да се вратам затоа што имам стан, брат, пријатели. Морам да се вратам. Руската војска може да те убие во автомобил. За жал ги убија нашите соседи, соседите со целото семејство. Моето срце сè уште е во Киев и во мојата земја. Но, ми треба малку време да сфатам и да почувствувам што се случува“, рече Људмила Наџемовска, бегалка од Киев
По пристигнувањето во Полска, дел од бегалците заминуваат за Германија и другите западни земји, но и во Словачка, Унгарија, Романија и Молдавија.
„Успеавме да стигнеме овде и ќе останеме додека војната не заврши. Не знаеме каде да одиме. Зад себе ги оставивме децата и роднините, исто така и нашите сопрузи. Таму бомбардираат многу, многу, што да правиме“, рече Марија Череповскаја, бегалка од Украина
„Моите родители останаа таму, браќата, семејството, во Запорожје, а ние дојдовме тука во Молдавија. Бомбардираат во Запорожје, таму имаме куќа, но Путин сака да ја уништи браната и се плашиме дека може да бомбардира сè наоколу, па заминавме. Таму има многу компании и индустрии“, изјави Елизабета Кузницова, бегалка од Украина
Од ОН велат дека до утре бројот на бегалци кои ја напуштиле Украина ќе достигне 1,5 милиони.
„Всушност, мислам дека до вечерва, најдоцна утре, вкупниот број на луѓе кои ја напуштиле Украина ќе достигне 1,5 милиони. Каде што бевме вчера, близу 1,3 милиони, мислам дека Полска за еден ден забележа сто илјади луѓе да влезат. Бројот рапидно расте“, рече Филипо Гранди, висок комесар на ОН за бегалци
Европската унија едногласно се согласи да прифаќа украински бегалци до три години без да бара од нив да аплицираат за азил. /Алсат.мк
Аднан Ќаили