Хакерскиот напад врз системот за пријавување сè уште го нарушува нормалното работење на погодените аеродроми и, според најновите податоци, сè уште се евидентираат доцнења на летови, а аеродромот во Брисел побара од авиокомпаниите да откажат околу половина од денешните летови поради проблеми што сè уште не се решени, пренесуваат светските медиуми.
На аеродромите во Берлин и Лондон, ситуацијата вчера доста се стабилизираше, но некои летови сè уште се откажани или доцнат, објавува денес Би-Би-Си.
Провајдерто на системот за пријавување „Колинс Аероспејс“, во сопственост на RTX, утрово соопшти дека работи со погодените аеродроми и авиокомпании и дека се во завршна фаза на ажурирање на софтверот потребен за враќање на целосната функционалност на системот, објави Ројтерс.
Портпаролот на аеродромот во Брисел изјави дека „Колинс Аероспејс“ сè уште не доставил безбедна, ажурирана верзија на софтверот, што го принуди аеродромот да побара откажување на голем број летови за денес. Аеродромот во Брисел вели дека провајдерот на услуги активно работи на решавање на проблемот, но дека сè уште не е јасно кога проблемот ќе биде решен. Овој аеродром побара од авиокомпаниите да откажат околу 140 од 276 закажани летови за денес, објави АП.
Аеродромот Берлин-Бранденбург во неделата објави дека некои проблеми сè уште се присутни, но дека постои рачен систем за справување со тешкотиите. „Понекогаш има подолги чекања за пријавување, качување, ракување со багаж и подигнување на багаж. Доцнењата на летовите денес се во согласност со нормалниот работен ден“, се наведува во соопштението.
Аеродромот Хитроу во Лондон во неделата наутро соопшти дека сè уште работи на решавање од дефектот на системот за пријавување на патници, додавајќи дека „огромното мнозинство летови продолжуваат да работат“.
Во петокот, хакери го нападнаа провајдерот на систем за пријавување и качување „Колинс Аероспејс“, предизвикувајќи прекини на аеродромот Хитроу во Лондон, како и на аеродромите во Берлин и Брисел. Европската комисија, која има улога во управувањето со воздушниот простор во Европа, изјави дека „внимателно ја следи ситуацијата во врска со сајбер нападот“, но дека нема индикации дека е широко распространет или сериозен.
Кибер нападите во воздухопловниот сектор се зголемија за 600 проценти во текот на изминатата година, според неодамнешниот извештај на француската авиокомпанија „Тале“.
Фото: принтскрин
Текстот Европските аеродроми: летовите сè уште се одложуваат е превземен од МАКФАКС.