Европската комисија се закани со мерки против Унгарија доколку владата на премиерот Виктор Орбан усвои контроверзен закон со кој се ограничува работата на невладините организации (НВО).
Воведувањето закон за „транспарентност во јавниот живот“ би наметнало строги регулативи за невладините организации финансирани од странство кои се сметаат за ризик за суверенитетот на Унгарија.
Нацрт-законот, поднесен до унгарскиот парламент од конзервативната националистичка партија Фидес на Орбан, според Комисијата е сериозно кршење на правата на ЕУ. Извршното тело на Европската унија повика на повлекување на нацртот од законодавниот процес.
Доколку законот биде усвоен според очекувањата, Комисијата на чело со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека нема да се двоуми да ги преземе неопходните мерки.
Комисијата може да покрене посебни постапки за такви случаи на прекршување, што ќе резултира со високи казни за земјите-членки кои не се во согласност со правото на ЕУ.
Нацрт-законот дозволува невладините организации финансирани од странство кои можат да влијаат на јавното мислење да бидат ставени на црната листа. Тие организации потоа можат да добијат материјална поддршка од странство само со одобрение од даночната управа на земјата во која работат. Ако една невладина организација се финансира со други средства, мора да плати 25 пати поголема сума на државата како казна, во спротивно ќе биде распуштена и забранета.
Текстот Европската комисија и’ се закани на Унгарија со мерки ако донесе закон против невладините организации е превземен од МАКФАКС.