Европската агенција за лекови (ЕМА) изрази „крајна загриженост“ поради планот на локалните власти во Амстердам за преселување на познатиот комплекс на „црвените фенери“ од квартот Де Вален на локација во јужните предградија на градот, во близина до седиштето на ЕМА.
Планот на амстердамската градоначалничка Фемке Халсема предвидува дислоцирање на „црвените фенери“ од централното градско подрачје со цел, како што најави, да „го ослободи“ Амстердам од имиџот на „град на гревот“, но и како реакција на поплаките на локалните жители за пораст на ситниот криминал и за „бучните“ туристи.
Како што пренесува МИА, според планот, јавните куќи од сегашната локација во квартот Де Вален треба да се преселат на булеварот „Европа“, на околу 800 метри од седиштето на Европската агенција за лекови (ЕМА).
На ваквата најава ЕМА соопшти дека е „крајно загрижена од влијанието на оваа одлука врз нејзиното опкружување“.
– Агенцијата ќе продолжи многу внимателно да го следи процесот на донесувањето на одлуката, соопшти ЕМА.
ЕМА, чие седиште по истапувањето на Велика Британија од ЕУ беше преместено од Лондон во Амстердам, смета дека „црвените фенери“ може да влијаат врз безбедноста на нејзините вработени „кои до доцна во работат своите канцеларии“.
На идејата на градските власти на Амстердам се спротивставија и локалните жители, кое не сакаат „пред својот праг“ да ги имаат сексуалните работнички, за кои велат дека се „жртви на криминалците“, како и „толпата што ги опкружуваат нивните застаклени кабини со неонски светла“.
Против идејата за дислокација на „црвените фенери“ веќе се покренати неколку петиции со кои се бара од властите на Амстердам да се откажат од планот и наместо тоа да го зголемат полицискиот надзор и да ја засилат контролата во квартот Де Вален, особено ноќе.