Европол соопшти дека во заедничка акција со белгиската и шпанската полиција откриен е сложен и професионален систем за перење пари преку поморските и воздушните пристаништа во ЕУ. Преку „подземната“ банка криминалците успеале да исперат 180 милиони евра добиени од илегална трговија со кокаин.
Криминалната група ја сочинувале марокански, шпански и белгиски државјани, а биле активни во Белгија, Холандија, Шпанија, Јужна Америка и Дубаи.
Во акцијата спроведена во март уапсени се пет лица во Белгија, еден во Шпанија, запленети се 1,2 милиони евра во криптовалути, одземени се три недвиќни имоти, како и 50.000 евра во кеш, еден луксузен автомобил, 23 мобилни телефони и накит.
Истрагата почнала во октомври 2021 година, по анализата на дешифрирани пораки, за голема група која шверцувала големи количества кокаин од различни јужноамерикански пристаништа до неколку поморски и воздушни пристаништа во Европа.
– Криминалната група успеа да увезе неколку тони кокаин и да го продаде за огромен профит. Користејќи професионален и флексибилен пристап, вклучувајќи методи како што е употребата на тајни компании, криминалците успеаја да ги избегнуваат властите со месеци, се наведува во соопштението на Европол.