И дневниот број на тестови, којшто претставува показател на изложеноста на населението на вирусот, веќе се намалува (жолтата линија на третиот дијаграм), што секако е позитивен сигнал. Единствен загрижувачки показател е стапката на позитивни тестови (сината и црвената линија на третиот дијаграм), која сé уште искачува и која не покажува знаци за скоро достигнување на максимумот, пишува во својата дневна ковид- анализа проф. Дејан Трајковски.
Тој вели дека во околните земји оваа стапка достигната е дури до 50%, а кај нас сé уште е под 40%, што може да нé загрижи.
-Додуша, таа последна започна и да искачува, дури откако броевите на нови случаи започнаа да растат, па можеме да се надеваме дека се работи за некаков задоцнет индикатор, иако не е јасно зошто би се појавило доцнењето.
На четвртиот дијаграм гледаме дека инциденците на заразување кај непрележаните и прележаните оваа недела се изедначија, што значи дека ефективноста на прележувањето во заштитата од заразување опадна на 0%. Тоа се добива сметајќи со вкупно население од 1,7 милион жители, инаку со 1,8 милиони жители би добиле негативна ефективност (т.е. би испаднало прележаните да се разболуваат повеќе од непрележаните), што е малку веројатно и поради што е направена корекција во бројот на жители. Ќе ги почекаме резултатите од пописот на населението, меѓутоа речиси сигурно е дека во земјава живеат најмногу 1,7 милиони жители, а можеби и помалку.
Податокот за ефективноста на прележувањето ќе ни послужи за уште една анализа. Иако ефективноста опаднала на 0%, односно прележаните се разболуваат еднакво како непрележаните, сепак епидемијата на омикрон сојот не започнува од почеток, што се гледа од достигнувањето на врвот на бранот при релативно мал број на дијагностицирани, сé на сé околу 35.000 од почетокот на бранот за Нова година. Тоа значи дека има некаков фактор којшто го сопира бранот иако прележаноста сама по себе не е доволна. Тој фактор може да биде вакцинираноста, како кај непрележаните, така и прележаните.
Истото резонирање ќе го примениме и кај вакцинираните и невакцинираните. Веќе видовме дека ефективноста на вакцините против заразување со Омикрон сојот исто така опадна практично до 0%, т.е. вакцинираните се заразуваат подеднакво како невакцинираните. Сепак, врвот на бранот кажува дека постои фактор што го сопира ширењето на заразата независно од вакцините – а тоа е прележаноста, пишува Трајковски.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.