Професорот од Техничкиот факултет во Битола Дејан Трајковски, кој прави статистички анализи на податоците поврзани со епидемијата на ковид-19, во својата последна анализа вели дека вакцинацијата против коронавирусот во земјава спасила околу 5.700 животи.
„Ефективноста на вакцините против смртен исход сé уште е прилично висока, неделава околу 87% и не покажува знаци на влошување. Морталитетите кај вакцинираните и невакцинираните (постари од 60 години) изминатата недела изнесуваа 3,4 наспроти 26 починати на 100.000 лица дневно.
Од почетокот на бранот на делта сојот (06.08.2022) до 10.02.2022 починале 3.161 лице. Сметајќи со морталитетите кај вакцинираните и невакцинираните од недела во недела, доколку биле сите вакцинирани би починале околу 1.001, а доколку никој не бил вакциниран, би починале околу 8.922 лица.
Благодарение на вакцините се спасени околу 5.700 животи, но можеа да бидат спасени уште други 2.100 од починатите, дури и со ефективноста на две дози од постоечките вакцини. Со три дози веројатно и малку повеќе, но засега немаме доволно податоци за поточна пресметка.
Заклучуваме дека најголемиот проблем не е малиот број трети (бустер) дози, туку малиот број втори дози од вакцините.
Жалосно е да се гледа како умираат луѓе поради доведеност во заблуда и некаква ирационална упорност, но тоа е нашата реалност. Ако некој не сака, не можеш со сила да му помогнеш.
Дали антиваксерските агитатори се всушност еден вид садисти, кои уживаат гледајќи ги луѓето како умираат поради заблудата во која ги довеле? Дали за нив ова е само забава? Од друга страна, неинформираните луѓе се погоден медиум за манипулирање од страна на овие предатори.
Да повториме уште еднаш: морталитетите кај вакцинираните и невакцинираните (постари од 60 години) изминатата недела изнесуваа 3,4 наспроти 26 починати на 100.000 лица дневно. Поинаку кажано, ризикот од смртен исход кај невакцинираните е 7,6 пати поголем отколку кај вакцинираните. На паметниот му е доволно“, вели проф. Трајковски во објавата на Фејсбук.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.