Во просториите на „Еurope House“, во Струмица и во Велес, вчера и денес се одржа дебата со претставници од средните училишта на тема органодонорство, како дел од активностите на ЕУ проектот за подигнување на јавната свест за органодонорството и трансплантацијата во земјава. Целта на средбите беше да се укаже на важноста на трансплантацијата, не само како медицинска дејност, туку и од аспект на хуманост, љубов, емпатија, надеж.
Органодарителите се често луѓе кои и цел живот помагале на други, и тоа го прават после смртта. Семејствата често носат одлуки врз основа на тоа какви луѓе сме биле додека сме живееле. Со трансплантацијата се дава, се продолжува живот, но, и го подобруваме квалитет на животот, нагласи Андоновска.
Исто како што беше неодамна во Скопје, и во овие градови младите изразија голема заинтересираност и отвореност да разговараат на една тема која е олицетворение на тенката линија помеѓу животот и смртта. Поставуваа прашања, споделуваа ставови, поттикнуваа дискусија.
Учениците имаа можност да погледнат и кусо документарно видео со фокус на органодонорството и трансплантацијата, но, и да дадат свој фидбек за пристигнати решенија на Повикот за визуелни дела за средношколци и професионални дизајнери на тема органодонорство, чии победници ќе се соопштат наскоро.
Фасцинирана сум од сѐ што слушнав. Темата е мрачна, но, многу ме допре. Верувам дека ваквите средби придонесуваат да научиме многу повеќе за процесите, но, и за човечноста, за надежта, за љубовта, изјави една од ученичките.
Настанот е дел од проектот „Поддршка на системот за трансплантација“, финансиран од ЕУ во кој Министерството за здравство е краен корисник. Модератор на настанот беше Небојша Илијевски, проектен консултант за комуникации.
Фото: Иван Каратанов и Зоранчо Јордев
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.