Здравството е сегмент од општеството, кој со години е во пад; се чини за повеќето од нас дека дното е веќе допрено и доколку не се интервенира веднаш и плански, сѐ повеќе сериозните проблеми ќе стануваат многу брзо видливи и во јавноста ќе се појават со магнитуда на скандали. Наследуваме руина од систем, дотраена и несоодветна инфраструктура, сериозен дефицит на кадар, и можеби најважно од сѐ – немотивирани и максимално истрошени чесни здравствени работници и незадоволни пациенти.Реанимација на Клиничкиот центар и системот по принципот „Damage control“
„Damage control“ e концепт во современата трауматологија кој што се користи во третманот на политрауматизирани пациенти. Потекнува од време на Првата светска војна и морнарицата на САД, и подразбира итни интервенции и постапки за поправка на оштетен брод под закана дека ќе потоне.Примери:
1. Чистење на сите зелени површини во Клиничкиот кампус;
2. Поставување на корпи за отпадоци и клупи (во моментот најмногу ѓубре има на зелената површина кај паркингот кај Инфективна Клиника);
3. Обезбедување на соодветни санитарни јазли во чекалните каде што ги нема (пример на хирургија поради катастрофалната состојба на истите, возрасни пациенти уринираат во чекалната на амбулантата на детска хирургија, каде што чекаат деца);
4. Отстранување на глутницата кучиња која што со години е присутна во кампусот и постојано напаѓа здравствени работници (особено навечер кога сами одат од една до друга Клиника да обавуваат конзилијарни прегледи), пациенти и посетители;
5. Анимирање и ангажирање на персоналот од досегашните заеднички служби да дава соодветни информации за насока на движење на пациентите;
6. Сериозна контрола на протокот на пациенти низ Клиниките во смисол на правилно насочување, пример недозволување секој да влегува во лифтот за транспорт на пациенти во операциона сала;
7. Обезбедување на функционалност на лифтовите и нивно чистење;
8. Распоред и план на чистење на ходниците како и контрола на времето во кое што се фрла болничкиот отпад;
9. Контрола на циркулацијата на возила низ паркингот на Клиничкиот центар;
10. Расчистување на патеките по кои треба да се транспортираат пациентите од една до друга Клиника;
11. Подобрување на пристапот до Клиниките особено за највулнерабилните категории на пациенти (пример зимно време константно заледена и непристапна блокирана, единствената патека што води до Клиника за гинекологија и акушерство и Клиника за онкологија)Во однос на опремата која што се користи потребна е анализа на сето она што е застарено и нефункционално, како и набавка на апаратури без кои што модерните здравствени системи буквално не можат да функционираат.Потребна е пристапност и соодветен паркинг.
Потребни се топли ходници преку кои што сите клиники ќе бидат поврзани.
Потребни се пристапни патеки за лица со попреченост.
Потребни се зелени површини и место каде што роднините кои што чекаат информација, пациент после интервенција или родилка на пораѓај, ќе може да седнат во кантина на пример.
Потребни се повеќе лифтови.
Потребен е систем на безбедна достава на храна.
Потребна е топла вода.
Потребни се повеќе од 4 санитарни јазли на еден оддел.
Потребни се болнички соби кои што ќе може да акомодираат придружба особено на оддели каде што лежат деца, родилки, онколошки и терминални болни.
Потребни се уште многу нешта надвор од рамките на овој текст… но, сите овие потребни нешта се минимум за достоинството на нашите пациенти како и за здравствените работници.
Овој текст ги пресликува разговорите на чесни и вредни здравствени работници, размислувања кои сме ги споделувале меѓу себе. Суштина за секој лекар е да открие од што боледува пациентот, за да може правилно да го лекува. Суштина за секој еден со амбиција да го менаџира здравствениот систем е да ја познава вистинската природа на проблемите; оние видливите со око, како и оние проблеми кои што имаат корени во слоевите на наталожената нефункционалност и неажурност.
Автор: доктор Иво Доневски, субспецијалист-трауматолог на Клиника за трауматологија за Нетпрес
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.