Не треба воопшто да се дискутира дали еден здравствен работник е вакциниран или не, смета проф. д-р Алесандра Грозданова, претседателка на националниот комитет за имунизација.
Таа на денешната трибина рече дека ако некој не верува во медицината, тогаш не треба да биде дел од здравството. Владата утре на седница треба да одлучи дали вакцината против ковид-19 ќе стане задолжителна за медицинските лица. Според официјални податоци досега се вакцинирани околу 75 отсто од здравствените работници.
Задршката која медицинските лица ја имаат генерално за вакцинацијата е болна тема за нас медицинарите. Ние досега едуциравме 800 здравствени работници на оваа тема. За нас е поразително дека здравствени работници се промотори на невакцинирањето, верувајте, и професионално и етички е неисправно, поразително е што ја немаме комплетната поддршка од здравствените работници. Верувам дека има начин и механизми за тоа да се реши, има и други институции, рече д-р Грозданова.
Д-р Грозданова потсети дека превентивната вакцинација не постои од сега, туку ја има со децении наназад. Рече дека некои од помладите доктори за прв пат виделе како изгледаат морбили, токму заради успешноста од вакцинацијата против морбили.
Таа повтори дека ако едно лице прележало ковид-19 и има високо ниво на антитела, нема никаква здравствена последица да прими вакцина, како и дека и Светската здравствена организација (СЗО) препорачува дека вакцината треба да се прими најбрзо што може да може после оздравувањето.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.