Дури 69 отсто од заразените во период од 6 август до завчера, не биле вакцинирани и 81 отсто од хоспитализираните. Во тој период, биле регистрирани 58.276 случаи на Ковид-19, од кои 17.896 или 31 отсто биле целосно вакцинирани, а 40.380, односно 69 отсто не биле вакцинирани. Од починатите, 1.571 пациент, односно 79 отсто не биле вакцинирани, а 21 отсто, односно 415 примиле вакцина, информира вчера Министерството за здравство, напоменувајќи дека починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани е голем. Од 468 моментно хоспитализирани пациенти, 91 се целосно вакцинирани.
Од Министерството информираат дека секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна и апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКоВ2.
Во претходното деноноќие, регистрирани се 434 нови случаи на Ковид-19 од направени 3.026 тестирања или 14,3 отсто. Вкупно се евидентирани 19 починати, 12 во претходните 24 часа и седум преку системот „Мој термин“, како и 421 оздравен пациент, информира Министерството за здравство, повикувајќи се на податоци на Институтот за јавно здравје.
Досега во земјава се направени вкупно 1.461.757 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 214.213, бројот на оздравени пациенти е 198.419, на починати е 7.511, а бројот на активни случаи изнесува 8.283.
Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје – 3833, Битола – 681, Прилеп – 434, Велес – 348, Кавадарци – 301, Охрид – 271, Куманово – 268. Во
Штип и Кочани има по 201 активен случај, а во другите градови под 200.
Вчера УНИЦЕФ донираше опрема за лична заштита, вредна 340.000 долари, во која има над 260.000 хируршки маски за една употреба и околу 209.000 висококвалитетни калјачи. Донацијата е наменета за институциите од областа на здравствената грижа, образованието и детската заштита.
Донацијата е обезбедена од Глобалното седиште на УНИЦЕФ за снабдување и логистика.
Во рамки на редовната соработка со Министерството за здравство, УНИЦЕФ има донирано респиратори за здравствените установи во вредност од над 215.000 долари и дополнителни количини опрема за лична заштита и КОВИД-тестови.
Вчера од Грција пристигна веста дека актуелните правила и предуслови за нашите граѓани за патување во Грција, остануваат непроменети и исто како и во изминатите шест месеци, потребен е документ за Ковид-19 и пополнет PLF формулар.
За прекршување на законските мерки и обврски, предвидени се парични казни од 500 и 5.000 евра.
Од Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран, без никакви ограничувања во однос на бројот на посетители или во однос на работното време.
Според светската статистика, во светот досега се заразиле над 260 милиони луѓе, починале 5,2 милиони и оздравеле околу 235 мипиони жители.
СЗО свика итен состанок по најновиот сој на коронаворусот откриен во Јужна Африка.
Тулио де Оливеира, директор на Центарот за одговор на епидемијата и иновации во Јужна Африка, на претставниците на СЗО им ја пренесе својата загриженост во врска со новиот сој на коронавирус Б.1.1.529, за кој се стравува дека е досега најлошата идентификувана варијанта на вирусот. Тулио де Оливеира изјави дека новиот сој има многу голем број мутации, што носи ризик од брзо ширење на болеста.
Според последните податоци, оваа нова варијанта на коронавирусот во Јужноафриканската Република е дијагностицирана кај вкупно 77 лица.
Д-р Марија Ван Керков, техничкиот лидер на СЗО за Ковид-19, на вчерашната прес-конференција кажа дека се уште не се знае многу за оваа варијанта.
-Тоа што го знаеме е дека оваа варијанта има голем број мутации. А загриженоста е дека кога имате толку многу мутации, тоа може да влијае на тоа како се однесува вирусот, рече Ван Керков.
-Новата варијанта на коронавирусот идентификувана во Јужна Африка е најзагрижувачката што сме ја виделе досега, изјави главниот медицински советник на Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство, д-р Сузан Хопкинс.
Таа истакна дека вредноста Р во Гаутенг, каде што е пронајдена новата варијанта, сега е два, што е „навистина е прилично висока“. Вредноста Р е просечниот број на инфицирани луѓе од едно заразено лице. Така, во Гаутенг, секој инфициран го пренесува вирусот на уште две лица.
ЕУ привремено ги суспендира летовите од Јужна Африка, а ограничувања за патувања од таа земја воведо и САД и Канада.
Во Израел е откриен првиот случај на зараза со новиот вид на коронавирус Б. 1.1.529, кај граѓанин кој се враќал од Малави, соопшти денеска прес-службата на израелското Министерство за здравство.
Идентификуван е еден случај на сојот Ну и во Белгија.
Сојот Б.1.1.529 првично детектиран во Јужна Африка, и попознат под името Ну има многу брз капацитет на репродукција и е веќе присутен во повеќе земји.
Вакцините речиси сигурно ќе бидат помалку ефикасни против новата варијанта на коронавирусот што се шири од Африка, изјави за Би-Би-Си професорот Џејмс Нејсмит, биолог од Универзитетот во Оксфорд.
– Тоа е лоша вест, но не е крај на светот, рече Нејсмит, додавајќи дека вакцината ќе биде ефикасна до одреден степен, но веројатно помалку ефикасна отколку што беше кај претходните варијанти.
Хрватскиот тим за управување со ковид-кризата одлучи да воведе 14-дневен карантин и задолжително тестирање на Хрватите кои се враќаат од Јужна Африка, Боцвана, Лесото, Намибија, Зимбабве и Конго, како и забрана за влез на странци од тие држави.
Дозволен влез само за грчки државјани и државјани на други земји за есенцијални потреби само по добиена дозвола, но и под услов да имаат негативен ПЦР тест, предвиден десетдневен карантин во Грција, тестирање при пристигнувањето, се дел од мерките што од днеска ги воведува Грција за патници од земјите од јужна Африка, Боцвана, Намибија, Лесото, Зимбабве, Мозамбик, Есватини, Замбија и Малави, поради новиот сој B.1.1.529 , јави дописничката на МИА од Атина.
Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција вчера одржа вонреден состанок, а по нивните препораки грчката Влада донесе одлуки за дополнителни рестрикции.ир/са/
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.