Пандемискиот вирус, во многу случаи покажа дека може да биде непредвидлив и поради тоа, потребно е да се биде максимално претпазлив.

Британските експерти ги советуваат луѓето да одат во изолација ако имаат симптоми на ковид-19, дури и ако притоа имале негативен ПЦР тест.

Ова следува откако во западниот дел на Англија е забележан голем број случаи кога луѓето биле позитивни на брзите тестови за ковид-19, за потоа да имаат негативен резултат на ПЦР тестот. Британската агенција за безбедност во здравството вели дека го испитува овој феномен.

Познато е дека брзите тестови за ковид-19 можат да дадат лажен негативен резултат, но лажните позитивни резултати се многу поретки.

„Засега нема докази дека има технички проблеми со брзите и ПЦР тестови поврзани со овие случаи. Ниеден тест не бил 100% точен, но шансите за лажен позитивен резултат остануваат многу мали“, соопшти агенцијата.

Беки Рејнолдс, директорката на агенцијата за јавно здравство на округот Бат и Норт Ист Сомерсет, им препорачува на луѓето со ваква ситуација сепак да одат во изолација.

„Јас и моите колеги видовме голем број пациенти со она што се смета за типични симптоми на ковид-19. Неколкумина од нив направиле неколку брзи теста и сите биле позитивни, за потоа да имаат негативен ПЦР тест.

Загрижувачки во овие ситуации е што сите пациенти очигледно биле симптоматски, а неочекувано имале негативен ПЦР тест“, вели Рејнолдс.

Групата на независни научни советници (САГЕ) вели дека ситуацијата треба да се разгледа сериозно и итно.

„Агенцијата за јавно здравство на Англија неформално препорачува да се изолирате ако имате негативен ПЦР тест, а покажувате симптоми на ковид-19, но тоа не е и владина препорака“, вели Кит Јејтс од САГЕ.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.