37-годишен словачки државјанин се предал на австриската полиција во Линц и признал убиство на тројца луѓе во Баварија. Според првичните информации, телата биле пронајдени во куќа во градот Цвизел во округот Реген, каде што живее самиот осомничен. Германските медиуми јавуваат дека едно од телата било распарчено и скриено во фрижидер, пишува Fenix Magazin.
Полицијата на Долна Баварија потврди дека мажот е привремено уапсен и дека во моментов се преземаат мерки за негова екстрадиција во Германија.
Според информациите објавени од полицијата во вторникот, меѓу жртвите има 22-годишна жена и 56-годишен маж, двајцата германски државјани. Идентитетот на третото лице сè уште не е официјално потврден, но се претпоставува дека станува збор за друга жена.
Сите жртви, како и осомничениот, живееле на истата адреса. Германските истражители сè уште не се подготвени да шпекулираат за употребеното оружје или за природата на повредите што ги здобиле жртвите. Мотивот за тројното убиство е исто така непознат.
Злосторството се случило во таканаречена „проблематична куќа“.
Куќата каде што се случило злосторството веќе ѝ била позната на локалната полиција. Тоа е зграда која со години има лоша репутација поради честите инциденти. Според медиумските извештаи, таму живееле луѓе кои изгледале запоставени и често биле пијани, а извештаите за неред и насилство биле редовни.
„Ја знаеме адресата. Таму живееле околу десетина луѓе, а дворот бил полн со ѓубре“, потврди портпаролката на полицијата. Куќата веднаш била запечатена по откривањето, а другите жители биле привремено сместени на безбедно место. Форензичари се на местото на настанот, а истрагата ја водат Јавното обвинителство Дегендорф и кривичниот оддел од истиот град, а истрагата е во тек.
Текстот Државјанин на Словачка убил тројца луѓе во Германија, криел едно тело во фрижидер е превземен од МАКФАКС.