Откриените траги од исеченици, околу канцерогени лезии, на древен египетски череп сугерираат дека луѓето спроведувале операција на рак пред повеќе од 4.000 години.
Во новото истражување, истражувачите анализирале човечки череп од колекцијата Duckworth на Универзитетот во Кембриџ, кој датира помеѓу 2686 и 2345 година п.н.е. Черепот содржел докази за голем примарен тумор, како и повеќе од 30 помали, метастатски лезии. Истражувачите откриле дека овие лезии биле опкружени со траги на исеченици, најверојатно направени со помош на остар предмет, како што е метален инструмент. Ова сугерира дека древните Египќани се обиделе да спроведат операција за лекување на пациентот, за кој се верува дека бил маж во раните 30-ти, велат истражувачите.
Досега, најстариот познат опис на ракот доаѓа од околу 1600 година п.н.е. запишана во Папирусот Едвин Смит од Египет (древен египетски медицински текст, именуван по Едвин Смит кој го купил во 1862 година). Во текстот се опишани неколку тумори на дојката, но се подвлекува дека „нема третман“ за нив.
Новите наоди, објавени денеска (29 мај) во списанието Frontiers in Medicine, може последователно да ја сменат нашата концепција за тоа кога започнала модерната медицина, велат авторите.
„Она што го најдовме е првиот доказ за хируршка интервенција, директно поврзана со ракот“, изјави за Live Science коавторот на студијата Едгард Камарос Перез, палеопатолог од Универзитетот во Сантијаго де Компостела во Шпанија.
„Тука започнува модерната медицина“, вели тој.
Новите наоди сугерираат дека ракот бил „граница“ во медицинското знаење на древните Египќани – нешто што тие можеби се обиделе, но не успеале да го третираат успешно, рече Камарос Перез. Сепак, тој призна дека без клиничката историја на пациентите, научниците не можат да ја имаат целосната слика за ракот од кои боледувале покојниците.
Одејќи напред, тимот сака да погледне уште подалеку во времето за да дознае повеќе за тоа како луѓето се справувале со ракот низ милениумите.
„Ако знаеме дека пред повеќе од 4.000 години, древните Египќани се обидувале да го разберат ракот на хируршко ниво, ние сме апсолутно убедени дека ова е само почеток на нешто што започнало пред многу, многу илјадници години“, рече Камарос Перез.