Руската Државна дума денеска едногласно ги усвои измените на Кривичниот законик, според кои за изнесување лажни информации за дејствата на Војската на Русија и воените операции и дискредитацијата на војската е предвидена казна до 15 години затвор. Овие измени се носат во ек на руската инвазија врз Украина, кога Москва ги задушува медиумите и им се заканува на новинарите кои известуваат за жестокиот отпор од украинските сили и покрај големата руска воена надмоќ.
Шефот на комитетот на Думата за безбедност Василиј Пискарјов изјави дека првиот дел од измените на законот се однесува на авторите на лажни информации и тие кои ги шират, а за нив е предвидена затворска казна од три години.
Ако тоа го прават користејќи за службената положба и во група, со користење интернет, предвидена е казна од 5 до 10 години затвор.
Доколку лицето кое шири лажни вести и добро знае дека се лажни и имаат опасни последици за општеството, тогаш следи казна до 15 години затвор, објасни Пискарјов.
Со измените е предвидена и казна за повикување на воведување антируски санкции.
Претседателот на Думата Вјачеслав Володин рече дека измените веднаш се испратени во Горниот дом, Советот на Федерацијата, и дека очекува „буквално утре да бидат на сила“.
Рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор им нареди на медиумите во земјата да објавуваат само информации обезбедени од официјални извори. Исто така се забранува употреба на зборовите војна или инвазија за нападот врз Украина, туку тие треба да го викаат „специјална воена операција“.