Ѕвездата на Далас, словенецот Лука Дончиќ, демантираше дека ќе ги напушти Маверикс на крајот од сезоната. Некои медиуми објавија дека Дончиќ е незадоволен од политиката на клубот и дека се заканувал дека ќе го напушти Далас доколку Маверикс не ангажираат засилувања до почетокот на новата сезона. Далас ја заврши сезоната, откако заврши на скромното 11. место во Западната конференција со скор од 38 победи и 44 порази. Челниците на Далас решија да се откажат од борбата за плеј-офот на два натпревари пред крајот на регуларниот дел од сезоната за да го задржат својот избор на претстојниот драфт во НБА.
„Не реков дека сакам да го напуштам Далас, тоа некаде го прочитав. Некој друг го кажал оа, не јас. Среќен сум во Далас, нема причина за грижа“, изјави Дончиќ.
Словенечкиот кошаркар истакна дека очекува промени во тимот на Далас.
„Нешто мора да се промени, тоа е сигурно. Минатата сезона стигнавме до финалето на Западната конференција, тогаш бев воодушевен од атмосферата во тимот…“, додаде Дончиќ.
Оваа сезона тој имаше просек од 32,4 поени, 8,6 скока и осум асистенции по натпревар.