Доналд Туск за кибер-нападот: Русија се обидува да ја дестабилизира ситуацијата пред европските избори

Хакерскиот напад врз полската новинска агенција (ПАП) сведочи за намерата на Русија да ја дестабилизира ситуацијата во Полска пред изборите за Европскиот парламент, изјави денеска полскиот премиер Доналд Туск.

– Уште еден многу опасен хакерски напад добро ја илустрира стратегијата на Русија да ја дестабилизира ситуацијата пред изборите за Европскиот парламент, напиша Туск на Х.

Тој додаде дека полските специјални служби се обидуваат да му се спротивстават на тоа под контрола на министерот за внатрешни работи и дигитализација на Полска.

Туск оцени дека се поочигледно е колку се важни изборите за Европскиот парламент, кои ќе се одржат на 9 јуни.

Хакери, најверојатно поврзани со руските специјални служби, денеска извршија кибер-напад врз ПАП, ставајќи во системот на полската државна новинска агенција две лажни информации за мобилизација на 200.000 Полјаци во блиска иднина да се борат во Украина, соопштија претходно полските власти.