Милорад Додик, на кој Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина му го одзеде мандатот како претседател на Република Српска врз основа на конечна пресуда на Судот на Босна и Херцеговина, понуди да се повлече од функцијата во парламентот на РС за десет години под услов претставниците да ја поддржат одлуката за распишување на претседателските избори од страна на ентитетската изборна комисија, а не од Централната изборна комисија.

„Предлагам претседателот на ентитетската изборна комисија да биде од СДС или ПДП. Но, вие нема да го направите тоа. Вие сакате Централната изборна комисија да ги брои гласовите“, рече Додик.

Тој тврди дека Централната изборна комисија нема овластување да распишува предвремени избори или да му го одземе мандатот: „Централната изборна комисија не може да распишува избори, тоа може да го направи само ентитетската изборна комисија. Нема да добиете нов претседател ако Централната изборна комисија распише избори“, рече Додик.

Тој ја отфрли пресудата на Судот на Босна и Херцеговина, тврдејќи дека станува збор за политички прогон поради неговото противење на префрлањето на државниот имот на ниво на Босна и Херцеговина. Тој ја обвини меѓународната заедница и дел од бошњачката политичка елита дека го оспоруваат Уставот на РС, а опозицијата дека работи против интересите на ентитетот.

Тој уште еднаш го оспори легитимитетот на високиот претставник во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, и неговите таканаречени бонски овластувања, врз основа на кои беше осуден. „Ние го внесовме нашиот суверенитет во Босна и Херцеговина, имавме своја држава. Милорад Додик не е РС, но Додик е претседател на РС“, рече Додик, нарекувајќи го Дејтонскиот договор „измама за српскиот народ“.

фото: принтскрин

Текстот Додик: Ќе се повлечам од политиката 10 години под еден услов е превземен од МАКФАКС.