Венецуелската опозициска лидерка Марија Корина Мачадо, која денес ја доби Нобеловата награда за мир за 2025 година за нејзината борба против диктатурата во нејзината земја, наградата делумно ја посвети и на американскиот претседател Доналд Трамп, кој повеќе пати повтори дека ја заслужува.

„О Боже… немам зборови“, рече Мачадо во телефонски повик до секретарот на телото што ја доделува наградата, Кристијан Берг Харпвикен.

Нобеловиот комитет ја објави нејзината реакција на социјалните мрежи.

„Ви благодарам многу, но се надевам дека разбирате дека ова е цело движење, ова е достигнување на целото општество. Јас сум само една личност. Секако не ја заслужувам“, додаде таа.

Подоцна, во објава на платформата Икс на англиски јазик, таа напиша: „Ја посветувам наградата на страдалниот народ на Венецуела и на претседателот Трамп за неговата решителна поддршка за нашата кауза!“

Трамп е жесток критичар на венецуелскиот претседател Мадуро, а Соединетите Американски Држави се една од многуте земји во светот кои не ја признаваат легитимноста на неговата влада.

Белата куќа претходно ја критикуваше одлуката на Норвешкиот Нобелов комитет да се фокусира на Венецуела само неколку дена откако Трамп објави напредок во разговорите за прекин на борбите во Газа меѓу Израел и Хамас.

„Претседателот Трамп ќе продолжи да склучува мировни договори, да ги прекинува војните и да спасува животи… Нобеловиот комитет докажа дека ја става политиката пред мирот“, напиша портпаролот на Белата куќа, Стивен Чунг, на платформата Икс.

фото: принтскрин

Текстот Добитничката на Нобеловата награда за мир: Наградата му ја посветувам и на Трамп е превземен од МАКФАКС.