Директорката на музејот Лувр, Лоренс де Кар, денес посочи, по грабежот на кралските вредни предмети од овој најпосетуван музеј во светот, дека имало „сериозен пропуст“ во безбедносните мерки и изјави дека понудила оставка, но била одбиена.

Во сведочењето пред францускиот Сенат, де Кар истакна дека музејот имал сериозен недостаток на безбедносни камери и други слабости што ги открил грабежот, според BFMTV.

Де Кар изјави дека „застарената инфраструктура“ на институцијата не дозволува интеграција на современи безбедносни системи, и покрај зголемените барања за засилена заштита.

Зборувајќи пред францускиот Сенат, де Кар нагласи дека „нема доцнење во спроведувањето на главниот план за безбедност на музејот“, но призна дека има значителни проблеми со состојбата на безбедносните точки и системот за надзор.

„Имаме застарена инфраструктура што не дозволува додавање на модерна опрема.

Исто така, се соочуваме со сериозни тешкотии во однос на безбедносните контролни пунктови, кои се во лоша состојба“, рече таа. Де Кар, исто така, призна дека безбедносниот тим не го забележал навреме доаѓањето на крадците, велејќи дека „слабостите во заштитата на надворешниот периметар на музејот се познати и веќе се идентификувани“. „Нашиот систем за видео надзор е недоволен, а постои и сериозен проблем со локацијата и состојбата на безбедносните контролни пунктови“, изјави де Кар и повика на формирање посебна полициска станица во самиот музеј.

Сепак, директорката на музејот истакна дека витрините што беа поставени во декември 2019 година во галеријата Аполон „претставуваат значаен напредок во однос на безбедноста“, додавајќи дека претходните беа „застарени и несоодветни“.

Под голем притисок поради кражбата, која го наруши угледот на Франција во светот, де Кар рече дека поднела оставка, но дека министерката за култура на Франција не ја прифатила.

„Денес доживуваме ужасен неуспех во Лувр, за кој јас преземам дел од одговорноста“, рече директорката. Лувр денес повторно се отвори за посетители, за прв пат по грабежот во кој беа украдени осум музејски експонати што му припаѓаа на кралското семејство.

Грабежот се случи во неделата, а штетата се проценува на повеќе од сто милиони американски долари. Внатрешноста на галеријата Аполо, каде што беа изложени крунските дијамантски скапоцености, е сè уште затворена, со преградна мрежа на влезот, објавува АП.

Француските власти велат дека крадците поминале помалку од четири минути во музејот, го користеле товарниот лифт од фасадата свртена кон Сена, скршиле прозорец и две витрини пред да избегаат со мотоцикли, објавува Танјуг.

За време на истрагата, на местото на злосторството се идентификувани четири лица, а околу 100 истражители работат на идентификување на членовите на групата и соучесниците.

Фото: принтскрин

Текстот Директорката на Лувр призна „сериозен пропуст“ по грабежот на музејот е превземен од МАКФАКС.