Фабио Канаваро (51) повеќе не е тренер на Динамо Загреб. Не е познато кој ќе го води Динамо против Осиек во 29. коло од хрватскиот шампионат, во сабота.

Канаверо доби отказ по неполни три и пол месеци. Динамо му врачи отказ на третиот тренер сезонава. Сезона 2024/25. започна со Сергеј Јакировиќ, а потоа во септември беше заменет со Ненад Бјелица. Канаваро во Загреб пристигна на 29 декември минатата година. Потпиша договор со Динамо до летото 2026. Се претпоставува дека Канаваро во Динамо имал годишна плата од 1,5 милиони евра, а неговиот персонал 500 илјади евра годишно.

Италијанецот загуби со 3:0 од Истра во 28. коло, со што актуелниот шампион заостана осум бода зад лидерот Хајдук и седум бода зад Риека на осум кола до крајот.

Доколку не ја одбрани титулата, Динамо следната година нема да може да игра во Лигата на шампионите, што ќе претставува голем удар за буџетот на клубот.

Официјално буџетот на Динамо за оваа година е 67 милиони евра, а приходите од натпреварувањата на УЕФА требало да бидат околу 24 милиони евра. Без Лигата на шампионите таа сума ќе биде значително помала.

Во 14 натпревари со Динамо, Канаваро победи седум пати и имаше дури пет порази.

Текстот Динамо го отпушти Фабио Канаваро е превземен од МАКФАКС.