Белгискиот премиер Александар Де Кро денеска на прес-конференција во Брисел ги најави приоритетите на претстојното претседателство на Белгија со ЕУ, означувајќи со тоа „неофицијален почеток“ на претседавањето на неговата земја со Европскиот совет, еден месец пред неговиот официјален старт.
– Нашето претседавање доаѓа во важен момент, кога треба да одговориме на очекувањата на нашите земји.
Тоа значи заштита на нашиот народ, нашата економија и нашата иднина, изјави Де Кро на заедничката прес-конференција со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола по нивната средба.
Според Де Кро, како што јави дописникот на МИА од Брисел, во ова свое 13-то претседавање со ЕУ, Белгија ќе се насочи кон унапредувањето на соработката во рамките на Унијата, како клуч за справување со големиот број предизвици.
Тој посочи дека во соочувањето со „понестабилното“ и „непријателско“ геополитичко опкружување, Белгија ќе даде приоритет на одржување на стабилноста на европскиот континент и во тој контекст и на продолжување на поддршка за Украина.
Според Де Кро, во текот на своето претседавање, Белгија ќе се посвети на заокружување на актуелните мандати на институциите на ЕУ и на обезбедување на непречена транзиција кон следното претседателство и новите институции на Унијата, што треба да се формираат по изборите за членови на Европскиот парламент во јуни следната година.
Белгискиот премиер нагласи и дека неговата земја ќе се посвети на подготовките на приоритетите на следната Европска комисија и новиот состав на Европскиот парламент.