Десет средни училишта од земјава ќе имаат можност да бидат дел од програмата за позитивна трансформација, насочена кон подобрување на условите и грижата за менталното здравје на нивните ученици. Граѓанската организација „Младите можат“, во рамки на кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“, објави повик преку кој ги повикува сите средни училишта да аплицираат и да станат дел од програмата за подобро ментално здравје. Таа вклучува целогодишен процес на активности со учениците, како и обуки за наставниот кадар, стручните служби и раководството, при тоа опфаќајќи теми како булинг, ефективна комуникација, меѓуврсничко насилство, ослободување од стрес, самодоверба, справување со лутина, итн.

Училиштата кои ќе се вклучат во кампањата ќе добијат признание во вид на амблем со натпис „Училиште кое се грижи за мене“, кои ќе бидат поставени на видни места во училиштата. Кампањата „Твоја приказна, наша поддршка“ има за цел да ја зголеми свесноста и информираноста за важноста на менталното здравје кај младите на возраст од 14 до 18 години.

Повикот е отворен до 20 октомври 2024 година, а повеќе информации за начинот на аплицирање и процесот се достапни на следниот линк.

Оваа иницијатива е дел од континуираната посветеност на „Младите можат“ за подобрување на условите за младите и создавање позитивна и поддржувачка образовна средина.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.