Украинскиот претседател Володимир Зеленски не присуствуваше на доделувањето на наградата Карло Велики во германскиот град Ахен. Според весникот „Дер Шпигел“, причината за промената на планот е заканата од руска инвазија на Суми, па претсеедателот отпатувал директно од Берлин до Киев.
Пред две години тој лично ја доби наградата Карло Велики во Ахен. Зеленски овојпат планираше да учествува на церемонијата на доделувањето, која и беше врачена на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Меѓутоа, според германските медиуми, неговите планови за патување наеднаш се промениле.
Поради сериозната ситуација во Украина, Зеленски не летал од Берлин за Дизелдорф и оттаму за Ахен, туку, според безбедносни извори, се вратил директно во Киев.
Според украински извори, Русија собрала околу 50.000 војници за можна офанзива на регионот во североисточниот дел на Украина.
Украинскиот претседател разговараше со канцеларот Фридрих Мерц и доби нови ветувања за воена помош. Зеленски се сретна и со претседателот на Сојузна Република Германија Франк-Валтер Штајнмаер и со претседателката на Бундестагот Јулија Клекнер. Околу 20:00 часот, по повеќе од единаесет часа поминати во Берлин, владиниот авион со делегацијата на Зеленски повторно полета кон исток.
Текстот „Дер Шпигел“: Зеленски ја прекина посетата на Германија поради можна руска инвазија на Суми е превземен од МАКФАКС.