Со стихови од Григор Прличев и Константин Миладинов, како и од Адем Гајтани, Саме Лимани Жарноски, Гого Ивановски, Игор Исаковски, Абдулазис Ислами, Славко Јаневски, Фахри Каја, Бистрица Миркуловска, Георги Сталев и Лилјана Чаловска денес ќе биде отворено второто издание на Деновите на поезијата во Скопје Сити Мол, со почеток во 18 часот.
Под мотото „Поезијата е и стварност и фантазија, мит на јавето за блиското и далечно минато, за блиската или уште подалечна иднина“ (Ацо Шопов), организаторите на оваа културна манифестација, фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ и Скопје Сити Мол, и овојпат ќе ги поврзат во една нишка сите генерации поети, од основоположниците, преку афирмираните современи поети, до оние кои допрва почнуваат да ја градат утрешнината на македонската поезија, а свеченото отворање ќе им биде посветено на значајни јубилеи кои ги одбележуваме годинава.
Нивните стихови ќе ги чита Никола Ристановски, со придружба на Анастасија Трајковска и Давид Димоски, студенти од класата на Ангелчо Илиевски, на Факултетот за драмски уметности, и Никола Ѓоргиев и Антонио Трајкоски, студенти од класата на Драган Даутовски, на Факултетот за музичка уметност при УКИМ, а за нив ќе зборува Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература.
Аврамовска ќе се осврне и на другите значајни овогодишни јубилеи, како што се: 150 години од објавувањето од „Речник на три јазика“ и 145 години од објавувањето на „Слогница речовска“ од Ѓорѓија Пулевски; 135 години од првата докторска дисертација за македонскиот јазик на балто-германскиот лингвист Леонард Готхилф Мазинг; 100 години од објавувањето Абецедарот – буквар на македонски јазик за македонското национално малцинство во Грција, подготвен од специјална комисија на грчката влада, под покровителство на Друштвото на народите во Женева, отпечатен во Атина; и 80 години од усвојувањето на македонската азбука и македонскиот правопис, како и од печатењето на првиот Буквар во слободна Македонија.
Специјален гостин на отворањето ќе биде Јанко Ивановски, ученик во 7 б одделение, во училиштето „Ацо Шопов“ од Скопје, и правнук на поетот Гого Ивановски, роден пред точно сто години во Скопје, припадник на првата повоена генерација македонски поети кои го градеа современиот македонски јазик и го почнаа поинтензивно да го потврдуваат македонскиот идентитет на светската поетска сцена.
Во својство на претседател на Македонскиот ПЕН центар, Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ ќе ги најави средбите и разговорите со нашите современици што ќе се одвиваат во следните два дена.
Омаж ќе им биде оддаден и на двајца поети кои нè напуштија меѓу две едиции на манифестацијата, Линдита Ахмети и Михаил Ренџов, чиј поетски збор ќе оживее преку нивните најблиски: писателот Џабир Ахмети и музичарот Петар Ренџов, со вокална придружба на Сашо Гигов-Гиш.
Свеченото отворање ќе се заокружи со поетскиот перформанс „Сенгор – Шопов: паралели со допирни точки“, во изведба на двајца првенеци на Македонскиот народен театар, актерите Никола Ристановски и Игор Џамбазов, со музичка придружба на Петар Ренџов. Со тоа ќе им се укаже почит на Леополд Седар Сенгор, сенегалски франкофон поет кој пред 50 години го доби „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, и Ацо Шопов, неговиот препејувач и пријател, кој пред 70 години ја објави збирката Слеј се со тишината со која беше одбележан историски пресврт во развојот на македонската поезија.
Текстот Денови на поезијата во Скопје е превземен од МАКФАКС.