Тивко и тажно е денеска во селото Мало Орашје каде ќе бидат погребани пет од осумтемина убиени во пукањето што во четвртокот ноќта се случи во околината на Младеновац. Ранети, пак, беа 14 лица.
Жртвите беа убиени во Мало Орашје и во соседното село Дубона. Погребот на трите останати жртви, пак, е закажан за утре.
Жртвите чии погреби се закажани за денеска беа млади момчиња, родени 2000 година и помлади. Најмладото е на 15-годишна возраст, родено 2008.
Осомничен за убиството е 21-годишниот Урош Б., кој вчера утрото околу 8 часот беше уапсен.
РТС јавува дека сè уште нема прецизни и јасни информации за тоа што бил неговиот мотив. Тоа што приближно може да го објасни ова прашање е неговиот одговор кога полицијата го прашала зошто го направил тоа, а тој одговор дека причината е омаловажување. Што точно мислел, наведува РТС, не е сосема јасно.
Ова крваво злосторство беше второ кое за помалку од 48 часа ја потресе Србија. Во средата наутро (3 мај) 13-годишен ученик во основното училиште „Владимир Рибникар“ во Белград уби девет лица – чуварот и осум деца. Ранети беа шест деца и наставничката по историја. Како што беше објавено претходно, денеска и во Белград ќе бидат погребани четворица од учениците и чуварот.