Денеска е Велика Сабота. Сабота, значи покој. Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник. Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста.
Велика Сабота е ден од Страдалната Седмица. Велика сабота е посветена на споменот на пребивањето на Исус Христос во гробот и Неговото слегување во адот.
Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Овa е втор ден на христијанската жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој. Сабота е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Христовата Мајка- Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, го оплакувале Исуса Христа.
На овој ден се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот.
Во Македонија некои на Великата сабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна.
Вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце.
На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршат со црвените јајца и се омрсуваат.
На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата.