Демонстрантите од Бангладеш не прифаќаат влада предводена од армијата, се распушти парламентот на Бангладеш

Лидерите на студентските протести во Бангладеш рекоа дека нема да прифатат влада предводена од војската додека жителите на Бангладеш чекаат да видат што ќе се одвива, еден ден откако премиерката Шеик Хасина поднесе оставка и побегна од земјата.

Началникот на армијата на земјата вели дека ќе бидат објавени привремена влада и нови избори – иако нема многу детали. Студентските лидери рекоа дека нема да прифатат влада предводена од војската, пренесува Би-би-си.

Хасина слета во Индија, со непотврдени извештаи дека сега може да отпатува во Лондон.

Огромни толпи упаднаа во официјалната резиденција на Хасина во Дака во понеделникот, а исто така имаше грабежи и нереди во главниот град.

Студентските протести започнаа во јули со повици за укинување на квотите за работни места во државните служби, но прераснаа во барања Хасина да се повлече по 15 години на власт.

Во најновото соопштението од кабинетот на претседателот се вели дека парламентот на Бангладеш е распуштен што беше клучното барање на координаторите на студентските протести, кои поставија краен рок до 15:00 часот по локално време (09:00 GMT).

Студентските демонстранти кои рекоа дека нема да прифатат влада предводена од војската информираа дека нобеловецот за мир Мухамед Јунус се согласил да биде главен советник на привремената влада.

Повеќе од 100 луѓе загинаа во Бангладеш во насилни судири низ земјата, врз основа на бројките собрани од локалните медиуми кои разговараат со болнички извори.

Ова го прави најсмртоносниот ден од почетокот на масовните протести. Сепак, полициските претставници не ја потврдија пријавената бројка на загинати во понеделникот.

Севкупно, се верува дека повеќе од 400 луѓе загинале за време на немирите.

Во понеделникот, исто така, беа запалени голем број полициски станици, а официјалната резиденција на поранешниот премиер Шеик Хасина во главниот град Дака упадна и ограбена. Вандализирани се и статуите на нејзиниот татко.

Драган Мишев