По претходните три масовни престрелки што ги потресоа Соединетите Американски Држави, викендов се случиле уште три такви престрелки во уште три американски града во кои загинале девет лица, а десетици се ранети, јави Ројтерс.
Advertisements
Во Филаделфија, судир меѓу двајца мажи ескалирал во престрелка во која се испукале куршуми во преполн ресторан, при што се убиени три лица, а 12 се ранети.
Слично на тоа, во саботата по полноќ се случило пукање во близина на бар во Чатануга, Тенеси, при што според полицијата загинале три лица, а 14 се ранети.
Во уште една престрелка во раните утрински часови во неделата загинале три лица, а две се ранети во Сагинау, Мичиген. За разлика од другите два случаи, во кои залутани куршуми погодиле и случајни минувачи кои не биле поврзани со пукањето, сите пет лица во пукањето во Мичиген биле вклучени во инцидентот.
Како што јави Ројтерс, до неделата навечер ниту еден осомничен во ниту една од престрелките не бил притворен.
Оружените инциденти се случуваат откако неодамна во три американски града беа убиени вкупно 35 лица – десет во пукотница во продавница во Бафало, Њујорк, 21 лице во основно училиште во Увалде во Тексас и четворица во болница во Тулса, Оклахома.
Во САД оваа година се регистрирани најмалку 240 масовни пукотници, што по дефиниција се инциденти во кои се погодени најмалку четири лица, не сметајќи го напаѓачот.
Американскиот претседател Џо Бајден претходно побара од Конгресот да го забрани офанзивното оружје, да ги засили контролите на лицата што поседуваат оружје и да спроведе други мерки за построга контрола на оружјето за справување со низата масовни престрелки.