Многу родители се плашат да го пуштат своето дете да оди босо поради можни повреди или бактерии, но мало дете има многу придобивки од одењето босо, од зајакнување на стапалата и нозете, до развивање чувство за рамнотежа.
Двете најчести причини зошто родителите не им дозволуваат на своите деца да трчаат боси се стравот од повреда од стапнување на остар предмет и избегнување на кожни заболувања што можат да ги добијат.
Сепак, мали се шансите такво нешто да се случи на површините за играње, бидејќи тие се транспарентни и лесно се забележуваат опасни предмети. Исто така, оние кои често одат боси развиваат зголемена свест за тоа каде стапнуваат, а нивните стапала се стврднуваат и создаваат природна заштита.
Исто е и со бактериите. Нашата кожа е во состојба да ги држи подалеку. Рацете се многу повалкани, бидејќи ги користиме за да зграбиме сè и сешто, а децата редовно ги ставаат во уста.
Всушност, чевлите се соодветна средина за раст на бактерии и габи, бидејќи тие создаваат темна, топла и влажна средина каде што најлесно е бактериите да растат на детските стапала.
Кевин Гири, наставник, гуру за родители и автор на блогот „Револуционерен родител“, верува дека обувките се лоши за децата бидејќи ги уништуваат стапалата и го попречуваат природниот развој на движењето кај децата. Поради ова, вели тој, децата се поподложни на повреди на нозете и стапалата.
Тој истакнува дека одењето боси ги зајакнува стапалата и долниот дел од нозете, правејќи го детето повешто и посвесно за положбата на своето тело. Стапалата имаат повеќе од 200.000 нервни завршетоци, што е најголема густина на мрежата на нерви во целото тело, токму за да бидеме побезбедни и подобро да се прилагодиме на земјата под нас.
„Најлесниот начин да се развие чувство за рамнотежа кај бебињата е да им дозволите да одат боси колку што е можно повеќе“, вели педијатарот д-р Кејси Флегал.
„Друга придобивка е зајакнувањето на свеста за околината во која се движат, бидејќи босите нозе испраќаат информации до мозокот што ја подобруваат рамнотежата“, додава таа.
Децата кои често се боси учат да се движат подобро. Четири милиони години, нашите стапала се развивале без чевли, а нивното затворање во чевли и патики сигурно не е добар начин природните процеси на развој на одењето да се одвиваат како што е предвидено со еволуцијата.
На крајот на краиштата, не е сè ни во медицинските причини. Одењето со боси нозе значи давање задоволство на сетилата, што најдобро го чувствуваат малите деца, за кои ова е секогаш радост. Помислете на тоа прекрасно чувство кога одите боси по песок или трева, или во плитките води…
Фото: ЕПА
Текстот Две причини зошто треба да го оставите детето да оди босо е превземен од МАКФАКС.