Две македонски премиери ќе се одржат на 16. „МакеДокс“ во Сули ан на претпоследниот фестивалски ден на 27 август. Во 20:30 часот на програмата е документарниот филм „Крајолици на човештината“ на Јана Хунтерова, кој е снимен во соработка во „Арт-поинт Гумно“. По нејзината уметничка резиденција во селото Слоештица, Хунтерова креирала визуелна приказна за Љубица и малкуте други соселани, кои и покрај тешкотиите, наоѓаат мир, поврзаност и слобода во зафрленото македонско село.
Во терминот од 22:30 часот, исто во Сули ан, ќе биде прикажан филмот „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски. Во регионот на Долна Преспа, особено во селото Наколец, но и во околните села, со децении (а можеби и со векови) постои традиција на органски создаден соживот заснован врз меѓусебно разбирање и почитување. Секојдневниот живот на протагонистите таму и нивните меѓусебни односи претставуваат своевиден модел во кој е скриен одреден код на заедништво и општествена кохезија помеѓу луѓе од различни етнички, верски и други профили.
Сценариото за филмот е на Борјан Јовановски, кинематографери се Ѓорѓи Клинчаров и Фејми Даут, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на звук е Игор Поповски, музиката ја компонираше Глигор Кондовски, а продукцијата е на „Strymon Film“.
Претходната вечер, на 26 август, во Сули ан беше отворена фотоизложба на уметникот со светско реноме Киро Урдин. Фотографиите се создадени во при неговите многубројни посети на Долината Омо во Африка. Пред публиката во Сули ан авторот Урдин зборуваше за своите искуства при патувањата во Африка, средбата со африканските етнички заедници во Долината Омо и фасцинацијата од светот кој е далеку од цивилизацијата, а блиску до срцето.
Урдин зборуваше и за снимањето на своите арт-филмови во Африка, како и за патешествието со неговиот најпознат филм „Планетариум“. Во истиот блок беше прикажан и неговиот документарен филм „Оган и вода“.
Премиерата на три кратки документарни филмови на школата „Докуникулци“ на „МакеДокс“ се одржа на 26 август во Сули ан. Објектот едноставно беше претесен да ги собере сите заинтересирани да ги видат остварувањата на „Докуникулците“. Во еден блок беа прикажани филмовите „Живуша“ на Ксенија Довезенска, „Како стигнав до овде?“ на Рој Стефанова и „Борби со ветерници“ на Борјан Гаговски. Ментори на работилницата се режисерот Трифун Ситниковски и монтажерот Горјан Атанасов. Во реализацијата на филмовите учествуваа и Ивана Тимова, Ева Божиновска, Теодор Дамјановски, Јована Гаврилоска и Никола Поповски. Пред публиката во Сули ан младите филмски автори со голема возбуда зборуваа за снимањето, монтажата и продукцијата на своите први филмски дела.
Целосната програма на фестивалот „МакеДокс“ може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и мобилната фестивалска апликација.
Текстот Две македонски премиери вечерва на 16. „МакеДокс“ во Сули ан е превземен од МАКФАКС.