Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца жители на Брвеница, за кои постои сомнение дека биле соизвршители во кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
На 4 октомври, околу 2 часот по полноќ, осомничените пренесувале вкупно 110,31 грама наркотична дрога кокаин. Нивниот автомобил БМВ полицијата го забележала на автопатот Тетово-Гостивар, во непосредна близина на клучката за Брвеница, и бидејќи се движеле нестабилно, со цик цак движења, полициските службеници им дале сигнал да застанат. Кога подзапреле, едниот осомничен се обидел од под совозачкото седиште да исфрли ќеса со дрога, но полицајците го спречиле во намерата. Освен дрогата, кај осомничените била пронајдена и дигитална вага со траги од кокаин и поголема сума парични средства, односно 206 000 денари и 1150 евра во различни апоени, кои поради сомнение дека потекнуваат од илегална продажба на дрога привремено се одземени.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово поднесе предлог за определување мерка притвор за едниот осомничен, додека за другиот се предложени мерки на претпазливост.
Текстот Две лица од Брвеница осомничени за илегална трговија со кокаин е превземен од МАКФАКС.