Двајца новинари на белгиската телевизија ВТМ се повредени денеска во Бејрут додека известувале за воздушен напад врз центарот на либанската престолнина во време на отворен конфликт меѓу Израел и Хезболах, соопшти нивната редакција.
Воениот репортер Робин Рамаекерс се здоби со „фрактура на лицето“, а камерманот Стијн Де Смет ја повреди ногата и двајцата беа хоспитализирани. Нивната редакција телефонски разговарала со нив и било потврдено дека не се во животна опасност, изјави портпаролот на медиумската групација ДПГ Медиа, сопственик на ВТМ.
Седум лица беа убиени во израелски воздушен напад врз градот во четвртокот наутро, еден ден откако осум израелски војници беа убиени во судирите со Хезболах. Израел соопшти дека извршил прецизен воздушен напад врз Бејрут. Три проектили го погодија и јужното предградие Дахиџе, каде што минатата недела беше убиен лидерот на Хезболах Хасан Насрала.
Белгиското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе ја следи состојбата на своите повредени новинари. Во Либан моментално има околу 1.800 белгиски државјани, а околу стотина изразиле желба да ја напуштат земјата, соопшти белгиската дипломатија, додавајќи дека ќе им помогне во тоа.
Текстот Двајца белгиски новинари се ранети во Бејрут, едниот има фрактура на лицето е превземен од МАКФАКС.